По седум години пауза, конечно на музичката сцена се враќа познатата македонска пејачка Елена Ристеска.
Таа најави интензивни настапи, а во петокот одржи концерт во еден скопски клуб, кој беше во чест на татко ѝ, кој пред седум години почина од рак.
Ристеска, која сега има свој бренд за козметика, вели дека паузата од музиката ја направила најмногу поради здравствени причини.
„Последниве седум години, пред разводот, а особено откако е починат татко ми, ми се случи голем дисбаланс во организмот. Долго време имав проблеми со здравјето и додека повеќето мислеа дека седам дома и ништо не правам, јас пробував да го решам здравствениот проблем. Не бев со волја ниту да работам на нова музика, ниту можев да пеам, меѓутоа сето тоа е сега зад мене. Сега сум подготвена за работа и полна со ентузијазам, а најважно, здрава сум. Не сте свесни колку е важно кого пуштате во животот околу себе, сѐ додека не сфатите дека негативните луѓе и енергии се најважен фактор за вашето здравје и за непречена среќа во животот“, изјави пејачката за СДК.мк.