„Бесплатен оброк за деца без родители, социјални случаи, бездомни лица и останати лица кои не можат да си дозволат топол оброк“ овој натпис може да се забележи на улица Рузвелтова.
Секој кој има потреба од оброк може да дојде од 9 наутро до 16 часот. Сопственикот на бургер барот заедно со неговата сопруга дојдоа до идеа за бесплатна храна за оние не можат да си обезбедат достоинствен оброк.
„Никогаш не сме дале на некого сув леб. Правиме ладни или топли сендвичи. Со плескавица или салама, или салата. Секогаш добиле нешто. Сигурно во неделата дошле околу десетина. Од децата што работат тука доставувачи на храна, сигурно во неделата три или четири пати од овој семафор до Влае каде што има деца питачи да им однесат за јадење“, вели Васил Неделковски, сопственик на бар.
Во барот го сретнавме Никифор кој се одлучил да донира 22 хамбургера. Тој вели дека натписот го видел на фејсбук, а се инспирирал од храброста на Васил.
„Најмногу нешто што ме инспирираше беше храброста на постот што го видов на фејсбус синоќа. Едноставно разбуди емоции во мене, што досега не успеа да ми разбуди преку фејсбук, а посебно преку бизнис. Треба храбтост за таков чекор. Да објавиш јавно во град каде што живеат над милион жители, дека даваш бесплатна храна и да стоиш зад тоа, треба храброст. Да кажам само браво тоа е малку. Затоа одлучив да дојдам и да донирам јас колку што можам“, вели Никифор Кирчиевски, донатор.
По иницијативата десетици луѓе дојдоа да земат оброк. Но Васе донира храна и самиот ја носи до тие кои имаат потреба. Вчера однесе храна до прифатилиштето во Визбегово.
Десетици хамбургери се подготвија за социјално загрозени лица кои во црквата Свети Петка во општина Ѓорче Петров добија топол оброк.