Семејствата на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ја одбија поканата за средба со премиерот Христијан Мицкоски, закажана за 13 мај во Скопје. Во соопштение испратено до медиумите, тие наведуваат дека повикот од Владата пристигнал доцна и потсетуваат дека уште претходно побарале средбата да се одржи во Кочани.
„Сметавме дека предлогот за средба во Кочани е разумен и оправдан, особено затоа што дел од родителите не се во можност да патуваат поради последиците од трагедијата“, велат од семејствата.
Тие појаснуваат дека ставот не е израз на целосен консензус, туку го отсликува мислењето на мнозинството. Преку јавен апел повикуваат на солидарност и најавуваат мирен собир под наслов „Марш на ангелите“, кој ќе се одржи на 10 мај (сабота) во Кочани, со почеток во 16:05 часот.
„Ова е наш начин да ја одбележиме болката, да побараме правда и да ги потсетиме институциите дека не смееме да дозволиме ваква трагедија да се повтори“, се наведува во соопштението.
Пожарот што на 16 март ја зафати дискотеката „Пулс“ ја потресе јавноста и отвори низа прашања за безбедносните стандарди, инспекциските надзори и институционалната одговорност. Истрагата сѐ уште трае, а јавноста внимателно го следи секој чекор на надлежните.