Македонија останува во статус-кво позиција на патот кон ЕУ, додека сѐ поизвесно е дека Албанија во наредниве месеци ќе започне да ги отвора преговарачките поглавја. Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека „Албанија ќе нѐ претрка“, набројувајќи уште пет земји што нѐ оставиле зад нив.
„Бевме во група со Романија и Бугарија… за да излеземе од таа група, па потоа бевме во група со Хрватска, за да излеземе и од таа група, па потоа со Србија и Црна Гора, за да и таа група нѐ претрка, па со Албанија сега еве и Албанија ќе нѐ претрка.“, рече Мицкоски.
Според аналитичарот Марко Трошановски, одвојувањето на Македонија од пакетот со Албанија, ќе предизвика фрустрации и кон Европската Унија, поради непредведливиот интеграциски процес.
„Не само од страна на Македонија, туку и од страна на целото соседство, односно Западниот Балкан и аспирантите за ЕУ генерално, бидејќи уште еднаш ја потврдува непринципиелноста на европската политика за проширување, која денеска е на штета на Македонија, меѓутоа утре може да биде на штета на било која друга земја-аспирант… и Босна и Србија и Црна Гора имаат билатерални спорови со соседи кои можат да бидат пречка.“, рече Трошановски.
Сепак, како што додава Трошановски, ваквиот потег може да се одрази и на внатрешен план.
„Се разбира, етничката албанска заедница може да гледа на одвојувањето или продолжувањето на европскиот пат на Албанија како нешто што можеби би влијаело на намалена лојалност кон земјата или поголеми стремежи за зближување на односите со Албанија, меѓутоа би рекол дека според истражувањата ова е можно само кај дел од етничко албанската заедница, додека има и голем дел коишто имаат разбирање за ситуацијата.“, вели Трошановски.
Претходно Мицкоски најави дека во Брисел ќе разговара за можностите за гаранции на патот на земјава кон ЕУ, но откако тој се врати од работната посета, првиот човек на Советот на ЕУ, Шарл Мишел порача Македонија да се придржува до веќе договореното. Според Трошановски, илузорни се најавите за евентуална промена на преговарачката рамка. Тој додава дека шансите се сега уште помали, бидејќи тоа би зависело и од Бугарија, со која односите се влошуваат.

