Пред почетокот на главната расправа започна со процедурални превирања и барања за одлагање од страна на адвокатските тимови. Петре Шилегов, во својство на бранител, побара време за запознавање со пречистениот текст на обвинението, тврдејќи дека тоа суштински претставува нов акт, додека дел од адвокатите реагираа дека клучни докази на албански јазик не се преведени.
Атмосферата во судницата се вжешти, бидејќи одбраната инсистира на строго почитување на Законот за кривична постапка, одбивајќи, како што велат, „либерално толкување“ на правилата.
Шилегов: „Пречистен текст не значи ништо друго освен нов обвинителен акт“
Адвокатот Петре Шилегов пред судот истакна дека барањето за одлагање не е обид за одолговлекување на процесот, туку неопходност за обезбедување на ветената правда. Според него, спојувањето на предметите е легитимно, но начинот на кој тоа е направено создава правна несигурност за одбраната.
„Пречистен текст не значи ништо друго освен нов обвинителен акт, бидејќи ние не ја знаеме содржината на тој текст,“ истакна Шилегов.
Тој посебно се осврна на најавената „редукција“ на доказите и сведоците, нагласувајќи дека одбраната во моментов нема увид во тоа што е исфрлено, а што останува.
„Ние не знаеме што е редуцирано, во моментов не ни е достапно за да знаеме колкаво е нивото на редукција за да ја дадеме или не таа согласност. Не верувам дека има редукција на оштетените, што пак нè враќа во нови правни рокови. Судот треба да ни ја достави редуцираната листа на докази, па ние ќе треба да се произнесеме,“ додаде тој, барајќи да се запази законитоста на постапката.
Докази на албански јазик без превод?
Покрај забелешките за обвинителниот акт, одбраната отвори и прашање за јазикот на доказите. Еден од бранителите реагираше дека дел од комуникацијата меѓу службеници во Министерството за економија, која се користи како доказ, е на албански јазик и не е преведена на јазикот на кој се води постапката (македонски).
„Доколку не се изврши превод на доказите, од старт сметам дека се врши клучна повреда на правото на одбраната и тоа ќе се провлекува во текот на целата постапка,“ предупреди бранителот.
Тој побара од Судот да го задолжи Обвинителството да изврши превод на екстрахираните телефонски комуникации и тие да бидат доставени до одбраната пред нивното изведување во судницата.
Обвинителството: Актите се веќе оценети и стапени на сила
Наспроти барањата на одбраната, Јавниот обвинител одби да навлегува во дебата во оваа фаза, повикувајќи се на фактот дека правната валидност на актите е веќе потврдена.
„Во оваа фаза, кога главната расправа сè уште не е почната, ЈО ќе се воздржи од коментар, особено имајќи предвид дека и двата обвинителни акти биле оценети по поднесени приговори од одбраната и веќе се стапени во сила,“ рече обвинителот.
