Свет

Шпанија ги забранува енергетските пијалоци за лица под 16 години

Шпанија ги забранува енергетските пијалоци за лица под 16 години

Шпанија ќе ја забрани продажбата на енергетски пијалаци на лица помлади од 16 години, а оние со поголема содржина на кофеин и на лица под 18 години, бидејќи нивната консумација предизвикува нарушувања на сонот, однесувањето и кардиоваскуларни заболувања, изјави денеска министерот за социјални права и потрошувачка.

„Енергетските пијалаци станаа закана за здравјето“, изјави министерот Пабло Бустиндуј во обраќање до медиумите во Барселона, каде што се сретнал со претставници на фондација која се бори против детската дебелина. Забраната, чиј почеток сè уште не е прецизиран, ќе се однесува на сите лица под 18 години кога станува збор за пијалаци што содржат повеќе од 32 милиграми кофеин на 100 милилитри.

Мерката има широка општествена поддршка

„Тоа ќе го направиме со најефикасниот правен инструмент кој ќе биде донесен во најкраток можен рок“, рече Бустиндуј. Тој нагласи дека мерката има широка општествена поддршка, „бидејќи девет од десет лица во Шпанија ја поддржуваат“, според анкета што минатата недела ја објави Шпанска агенција за безбедност на храна и исхрана (Aesan). Според истото истражување, поддршката е висока и кај младите – 88,3 отсто од испитаниците на возраст од 18 до 35 години ја поддржуваат забраната.

Министерот за потрошувачи наведе и други податоци од студијата за да укаже на потребата од ограничување на продажбата на овој производ. Околу 25 отсто од испитаниците консумираат енергетски пијалаци, во просек двапати неделно. Речиси половина од оние што ги консумираат пијат најмалку по еден дневно, а 47 отсто редовно ги мешаат со алкохол.

Оваа регулатива ќе биде дополнување на претходно усвоената забрана за продажба на енергетски пијалаци во училиштата.

Во извештај на Aesan од 2021 година се наведува дека прекумерната консумација на кофеин може да предизвика несакани физиолошки ефекти – од нарушувања на сонот, преку психолошки последици и промени во однесувањето, до кардиоваскуларни нарушувања.

Во Шпанија, северните автономни покраини Астурија и Галиција уште минатата година ја забранија продажбата на енергетски пијалаци на деца помлади од 16 години. И други европски земји, како Обединето Кралство, Германија и Полска, усвоија слични мерки или планираат наскоро да го сторат тоа, пренесе шпанската јавна телевизија RTVE.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни