Во античкиот амбиент на Хорти Салустијани во Рим, македонскиот пијанист Симон Трпчески синоќа одржа емотивен концерт, дел од манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, истакнувајќи дека описменувањето и културната мисија на светите браќа Кирил и Методиј заслужуваат највисока почит и континуирано чествување.
„Многу ми е мило што повторно сум дел од оваа манифестација – третпат досега. Последен пат бев присутен кога беше претседател Борис Трајковски. Особена чест ми е што повторно ја претставувам Македонија, овојпат и со дел од проектот Македонисимо,“ изјави Трпчески за МИА.
Виртуозот истакна дека улогата на Македонија во ширењето на писменоста низ словенскиот свет носи голема одговорност, а токму музиката, како што рече, претставува продолжение на таа благородна мисија:
„Сесловенските просветители ширеле значајна мисија – како што и музиката тоа го прави. Ние сме држава од каде што започнало описменувањето.“
Концертот, кој го проследија државно-црковна делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура и бројни претставници на дипломатскиот кор и италијанската јавност, се одржа во исклучително инспиративна атмосфера.
„Хорти Салустијани е едно свето место, просторот е интимен и многу ни помага нам, музичарите, да ги рашириме визиите за музиката. Оваа посета ми беше прва, и сигурно нема да биде последна,“ изјави Трпчески, додавајќи дека искрените реакции на публиката, особено во изведбата на „Македонисимо“, му оставиле силен впечаток.
Во завршницата, тој упати порака:
„Онака, како што е редот – со длабока почит кон просветителите кои оставиле трага, но и со свесност за одговорноста што ја носиме ние денес. Нека овој настан биде пример за иднината.“