Сè почести сцени на стаорци и глувци низ улиците на Скопје ја потврдуваат алармантната состојба со хигиената во главниот град, кој веќе со недели е затрупан со ѓубре поради нефункционалните комунални служби.
На снимка што ја објави „Слободен печат“, се гледаат големи стаорци како излегуваат од дупки на тротоарот покрај кејот на Вардар, во непосредна близина на зградата на Владата. Според граѓаните што ја испратиле снимката, глодарите се големи колку мачки и слободно се движат меѓу минувачите.
Поради близината до владината зграда, постои сомнеж дека стаорците преку подземните канали и коридори можеби имаат пристап и до нејзините подруми.
Овој вознемирувачки случај следи по инцидентот во населбата Капиштец, каде десетгодишно дете беше каснато од глушец на детско игралиште.
Инфектологот и поранешен советник во Град Скопје, д-р Никола Пановски, веќе предупреди дека огромните количини отпад на улиците може да доведат до вистинска наезда од стаорци, со сериозни последици по јавното здравје.
Додека надлежните институции меѓусебно ја префрлаат одговорноста, граѓаните стравуваат дека доколку не се преземат итни мерки за чистење и дератизација, Скопје би можело да се соочи со епидемиолошка закана.