Новопечениот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ја презеде функцијата и најави почеток на голема акција за чистење на градот.
„Од денес, градот Скопје е слободен, отворен и достапен за сите! Испишуваме ново поглавје исполнето со работа, посветеност и резултати. Ветивме дека ќе работиме чесно, одговорно и без одлагање и тоа започнува веднаш,“ истакна Ѓорѓиевски.
Акцијата за чистење започнува вечерва во 20:30 часот, а на терен можат да се видат многу работници, но и камиони.
Според најавата, во следните 72 часа е планирано да се исчисти секој агол, секоја улица и секој запуштен простор во градот.
Градоначалникот посочи дека Скопјани повеќе нема да живеат во запуштеност, туку во град достоен за нив.
Дополнително, беа отстранети рампите во градот, со што Скопје стана отворен за медиумите и граѓаните. Ѓорѓиевски најави и целосна ревизија на работата на градската администрација, нагласувајќи дека секој кој не ја извршувал својата работа ќе одговара, а чесните и посветените вработени ќе бидат почитувани и наградени.
„Време е да ставиме ред! Време е Скопје повторно да биде симбол на достоинство, ред и надеж. Скопје може подобро, и тоа подобро заедно го овозможуваме,“ порача новиот градоначалник.