По завршување на редовниот состанок на кризниот штаб, министерот за здравство д-р Арбен Таравари во изјава за медиумите информираше дека во моментот 54 пациенти се лекуваат во Скопје, од кои 27 се во клинички центар, 11 во ГОБ 8 септември и 10 во Хируршката клиника Св. Наум Охридски, додека во приватните клиники се 6 пациенти. Во моментот сите се во стабилна и добра состојба.
Надвор од државата се лекуваат 115 пациенти, од кои 6 во моментот се во покритична здравствена состојба, а една пациентка сама се пријавила во Бугарија. Четворица со посериозни повреди се лекуваат на ВМА во Белград и двајца во Љубљана.
Дел од пациентите во странство кај кои има подобрувањр планирано е во тек на следната недела да почнат да се враќаат во земјава.
-Добрата вест е дека ако реков првично дека се околу 20 во многу критична состојба, сега се 6 во покритична состојба. Да се надеваме дека оваа бројка нема да се зголеми со нови лица, односно дека нема да дојде до компликации.
Во тек на следна недела се планирани исписи на првите пациенти, по еден од Италија и Шведска и по двајца од Австрија и Шпанија. За продолжување на нивното лекување во земјава се подготвуваат посебни протоколи, кои ќе се објават наскоро.
Генерално станува збор за пациенти со изгореници на кожа и дишни патишта, а дел се со скршеници. Има и 6 нови пациенти, кои се пријавени на Клиниката за токсикологија и се тријажираат, информираше министерот Таравари.