Следната недела почнува судскиот процес за „Пулс“, ќе го застапуваат 15 обвинители

Истрагата за полициските службеници поврзана со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, која првично требаше да заврши до крајот на септември, е пролонгирана поради потребата од сослушување на повеќе сведоци. Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека најверојатно на почетокот на следниот месец ќе биде донесена и јавнообвинителската одлука.

Во врска со предистрагата што се води против службеници на Управата за јавни приходи, Коцевски истакна дека предметот е во надлежност на Основното јавно обвинителство во Кочани, каде надлежниот обвинител веќе издал конкретни наредби и упатства за спроведување на потребните процесни дејствија.

„Во овој момент не можам да изнесам повеќе детали“, додаде Коцевски.

Судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која животот го загубија повеќе лица, започнува следната недела. Јавното обвинителство, како што посочи Коцевски, е целосно подготвено и организирано за застапување на обвинението.

„Обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што работеа на предметот досега, но ќе бидат ангажирани и дополнителни обвинители за да не се наруши текот на постапките во другите предмети. Ќе се внимава постапката да не се одолговлекува и да нема одложувања по вина на обвинителството,“ изјави Коцевски.

Тој додаде дека со вклучувањето на дополнителни обвинители, вкупниот број на јавни обвинители кои ќе постапуваат по предметот може да достигне и до 15.