Денеска започнува судскиот процес за трагедијата во кочанскиот ноќен клуб „Пулс“, каде на 16 март 2025 година во катастрофален пожар животот го загубија 63 лица, од кои 6 деца. Обемниот обвинителен акт, поднесен од ОЈО Кочани, ја исцртува сликата за повеќедецениски синџир на негрижа, свесни пропусти и корупција, кој се протега од сопствениците на клубот, преку локалните општински власти, па сè до врвот на неколку државни институции и министерства.
Вкупно 34 физички и 3 правни лица се товарат за „Тешки дела против општата сигурност“. Ова е детален преглед на обвинението, кое го поседува 4NEWS.mk, за тоа кој за што е обвинет.
1. Сопствениците и менаџерите: Нелегална градба и запаливи материјали
Групата луѓе директно поврзани со управувањето на клубот се обвинети за создавање на објектот-убиец.
- Дејан Јованов (фактички сопственик) и Гроздан Милковски (сопственик на објектот): Се товарат дека со години работеле во објект кој според Деталниот урбанистички план бил наменет исклучиво за „лесна индустрија“. Тие, без никакво одобрение, извршиле реконструкција и пренамена во дискотека. Обвинителството тврди дека притоа вградувале несоодветни и лесно запаливи материјали, како полиуретански сунѓер, кои го предизвикале брзото ширење на пожарот. Објектот немал основни мерки за заштита, како елаборат за пожар, доволен број излези за евакуација (имал еден, наместо четири), аларми, па дури ни функционални хидранти.
- Митко Стојанов и Михаил Јованов (менаџери): Обвинети се како директни учесници во управувањето на нелегалниот и небезбеден објект.
- Милка Едровска (инженер) и „Венци Проект“ (правно лице): Таа е обвинета дека изготвила лажен „Основен проект“ за клубот, кој не ги содржел клучните елаборати, како тој за заштита од пожар. Во 2023 година, таа само ја сменила насловната страница на стариот проект за да го прилагоди за новата фирма, без да изврши реален увид.
- Тодор Јованов (одговорен за влезници): Се товари дека континуирано дозволувал влез на поголем број посетители од дозволениот и не водел сметка за возраста, овозможувајќи влез на малолетници.
- Правно лице „ММММ КАФЕ“: Фирмата-оператор на клубот, обвинета за извршување на делото.
2. Обезбедувањето: Работа на црно и клучни пропусти
Агенцијата за обезбедување и нејзините вработени се обвинети за клучниот пропуст во ноќта на трагедијата – дозволувањето да се внесат пиротехничките средства.
- Јане Јанчески (управител) и фирмата „Рубикон Секјурити Солушнс“: Се товарат дека работеле без склучен писмен договор со клубот. Тие не изготвиле безбедносна проценка ниту план за обезбедување на настанот.
- Лазар Захариев, Ивица Грозданов, Мартин Георгиев, Стојанчо Димитријев (обезбедување): Обвинети се дека кобната ноќ не извршиле никаков преглед на лицата при влез. Со тоа, тие не го спречиле внесувањето на пиротехниката што го предизвика пожарот. Исто така, не вршеле проверка на идентитет, со што дозволиле влез на деца под 18 години. Обвинетиот Ивица Грозданов дури и немал лиценца за обезбедување.
3. Општина Кочани: Градоначалници и инспектори кои со години „мижеле“
Обвинението посочува целосен потфрлање и свесно занемарување од страна на локалната власт.
- Ратко Димитровски, Николчо Илијев, Љупчо Папазов (тројца градоначалници): Се товарат дека во континуитет, во текот на нивните мандати, иако знаеле дека „Пулс“ е нелегален и безбедносно опасен објект, не презеле никакви дејствија за да го затворат. Тие не им наредиле на инспекциските служби да постапат.
- Огњан Георгиев, Николчо Гоцев, Љупчо Стаменков (Општински градежни инспектори): Обвинети се дека, иако знаеле оти објектот е дивоградба и дека во него се врши нелегална пренамена (од индустриски во угостителски), никогаш не извршиле инспекциски надзор по службена должност и не донеле решение за отстранување на градбата или враќање во првобитна состојба.
4. Државни институции: Директори, министри и инспектори
Одговорноста, според обвинението, оди до врвот на клучните државни институции за контрола.
- Дирекција за заштита и спасување (ДЗС): Обвинети се четворица директори (Шабан Салиу, Аднан Џафероски, Беким Максути, Џеват Селами) и Генералниот инспектор Љупчо Грнчиштанов. Тие се товарат дека од 2012 година не распоредиле инспектор за заштита и спасување во Кочани и, уште поважно, никогаш не спровеле инспекциски надзор во дискотеки и кабареа на ниво на цела држава, иако биле свесни за ризикот.
- Министерство за економија: Обвинети се двајца министри (Ваљон Сараќини, Крешник Бектеши) и шест други функционери и службеници (Џеваир Камбери, Шовкет Хазари, Зоран Николоски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи, Размена Чекиќ-Дуровиќ). Тие се товарат дека континуирано издавале лиценци за работа на „Пулс“, иако знаеле дека објектот не ги исполнува ниту минималните услови – дури и откако Општина Кочани уште во 2012 ги известила дека локацијата е за „лесна индустрија“, а не за кабаре.
- Државен пазарен инспекторат (ДПИ): Обвинети се четворица инспектори (Миле Ампов, Блашка Ефтимова, Весна Кузмановска, Емил Митев). За разлика од другите, тие се товарат за активно дејствување – свесно изготвувале лажни записници во кои наведувале дека „Пулс“ ги исполнува минимално-техничките услови, вклучително и дека има „доволен број излези“ и „заштита од пожар“, иако тоа било очигледна невистина.
5. Корупцијата: Мито од 226.000 денари и фалсификуван потпис
Надвор од делата за општа сигурност, еден од обвинетите од Министерството за економија се товари и за директна корупција.
- Џеваир Камбери (службеник во МЕ): Обвинет е за „Примање поткуп“ и „Фалсификување службена исправа“. Обвинителството тврди дека тој во март 2024 (една година пред пожарот) побарал и примил 226.000 денари во кеш од сопственикот Дејан Јованов. За возврат, Камбери му издал фалсификувана лиценца за работа, на која своерачно го фалсификувал потписот на тогашниот Државен секретар.