Собранието денеска го гласа „Сејф Сити“

Системот „Безбеден град“ може да започне со официјално функционирање, откако денеска Собранието се очекува да го усвои Законот за прекршоците кој овозможува камерите во Скопје, Тетово и Куманово да регистрираат и автоматски да санкционираат сообраќајни прекршоци. Двотретинското мнозинство за усвојување е обезбедено по политичкиот договор меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Со стапувањето во сила на законот, од 1 февруари, системот ќе започне со примена во првата фаза, при што ќе се санкционираат најчестите прекршоци – пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло, непрописно паркирање и возење со истечена регистрација. Камерите ќе функционираат слично како полициските радари, со вклучена толеранција при мерењето.

Министерството за внатрешни работи информира дека системот веќе покажал резултати во пробната фаза. Министерот Панче Тошковски истакна дека за време на тестирањето биле спасени девет човечки животи, нагласувајќи дека целта е превенција и зголемување на безбедноста во сообраќајот, а не казнување.

Опозициската СДСМ останува на ставот дека нема да го поддржи законот, предупредувајќи на можни злоупотреби и недоволна заштита на личните податоци. Од партијата истакнуваат дека државата не смее да воведува системи за масовен надзор без јасни гаранции.

И покрај тоа, владејачкото мнозинство е уверено дека законот ќе биде усвоен и дека Македонија ќе добие функционален систем за контрола на сообраќајот, сличен на оние што одамна функционираат во европските метрополи.

Со денешното гласање, „Безбеден град“ влегува во клучна фаза, а неговото функционирање ќе биде првиот сериозен тест за дигиталниот надзор во интерес на јавната безбедност.