Главниот град на Македонија и денеска се соочи со катастрофален сообраќаен метеж, претворајќи го попладневниот шпиц во вистински пекол за возачите. Километарски колони, градежни активности, па дури и протести, се само дел од причините кои Скопје повторно го турнаа на работ на сообраќаен колапс.
Според мапата за состојбата во сообраќајот, која ја приложија граѓаните, најкритични се централните градски подрачја и главните сообраќајни артерии. Како што може да се забележи, бул. „Гоце Делчев“, дел од бул. „Никола Карев“ и пристапите кон Старата скопска чаршија и Центар се целосно зацрвенети, што означува многу густ сообраќај со застој.
Нервозата кај граѓаните достигнува максимум, а причините за овој секојдневен хаос се повеќекратни како градежна офанзива, временски услови, протести и посебни режими.
Граѓаните секојдневно апелираат за пронаоѓање на одржливо решение, бидејќи Скопје сè почесто тоне во сообраќаен колапс, а губењето време во сообраќајот станува хроничен проблем.
Полицијата ги повикува сите учесници во сообраќајот на трпеливост и апелира да се почитуваат наредбите на униформираните службеници со цел да се избегнат дополнителни застои и опасни ситуации.