Пратеникот на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во интервју за телевизија Алсат изјави дека лошиот резултат од локалните избори треба да биде сигнал за сериозна анализа и реформа во партијата, а не само за персонални смени.
„Резултатот од 126 илјади гласа претставува дно, и би сакал тоа да е дното на кое сите ние ќе застанеме. Како одговорен човек тоа ме загрижува, но и ме мотивира да видиме што треба да се прави понатаму,“ рече Спасовски.
Тој нагласи дека идејата на СДСМ има длабоки корени и традиција во македонското општество, но дека резултатите покажуваат негативен став на граѓаните кон политичките партии воопшто.
„Факт е дека изгубивме повеќе од 20 илјади гласа во однос на парламентарните избори, бројот на градоначалници е сведен на шест, а 60 проценти од граѓаните воопшто не излегоа да гласаат. Тоа покажува разочараност од политичките партии,“ рече Спасовски.
Тој додаде дека СДСМ мора сериозно да ја редефинира својата политичка платформа, организационата структура и коалицискиот капацитет.
„Треба сериозна реформа во делот на политиките и организационата поставеност. Само така партијата ќе може да ја врати довербата кај граѓаните,“ потенцираше Спасовски.
Во однос на прашањето дали ќе бара оставка или одговорност од претседателот Венко Филипче, Спасовски изјави дека оставката е личен и морален чин, но оти дебатата за иднината на партијата мора да се води внатре во нејзините органи.
„Персоналните решенија во овој момент нема да ја решат работата. Ако мислиме дека со едноставна промена на луѓето ќе дојдеме до резултат, тоа е погрешна логика. Потребна е суштинска промена, а не козметичка,“ рече тој.
Според Спасовски, Македонија има силно опозициско расположение меѓу граѓаните, но нема силна опозиција во политичката сцена.
„Факт е дека и опозицијата доби помал број гласови. Не треба да бараме оправдување, туку да се соочиме со реалноста и да најдеме нови начини за да го обновиме политичкиот систем,“ порача Спасовски.