Србија има амбиција до крајот на оваа година да стане првата држава во Европа која ќе започне со производство на хуманоидни роботи, најави српскиот претседател Александар Вучиќ. За време на посетата на Кинескиот културен центар, каде присуствуваше на презентација на кинеската компанија „АГИБОТ Иновејшан“, тој го претстави планот за развој на индустријата за вештачка интелигенција.
Според најавите, планот е до 2030 година во овој сектор да бидат вработени до 8.000 луѓе. Процесот ќе започне со првични 500 вработувања, со цел Србија да развие не само софтвер, туку и хардвер за овие софистицирани машини.
„Заедно со фабриките за роботи, ќе имаме и така наречени фабрики за податоци, каде што хуманоидните роботи мора да учат од луѓето и да памтат исто како нив. Ќе се обидеме да бидеме први во Европа со таков вид производство“, изјави Вучиќ, најавувајќи отворање на 50 фабрики за оваа намена во следните четири години.
Претседателот истакна дека ова би можело да биде најголемата инвестиција во Србија досега, која вклучува производство на комплетни машини и нивни делови. Посебен впечаток му оставиле роботите со капацитет за носење товар од 100 килограми, кои веќе се користат во Кина за различни намени, вклучувајќи и гранични контроли.
Покрај цивилната примена, Вучиќ ја спомена и можноста за воена употреба на оваа технологија.
„Можете и да ги вооружите. Така што на нашата следна воена парада, ќе имаме илјадници роботи, вооружени, за да можеме дополнително да ја обезбедиме нашата земја“, порача српскиот претседател.
Симболично, на влезот во центарот, Вучиќ беше поздравен на англиски јазик од роботот наречен Лука, кој е дел од најновата генерација на кинеската роботика.
