Стефановски: Глобалните тензии се продлабочуваат – „Некои веќе зборуваат за Трета светска војна“

Военобезбедносниот аналитичар Милан Стефановски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ предупредува дека актуелните конфликти во светот добиваат сè пошироки размери и носат сериозни геополитички ризици.

Тој оценува дека конфликтите на Блискиот Исток имаат регионален карактер, но со силни глобални последици, особено врз енергетските пазари и безбедносната архитектура.

„Некои веќе го нарекуваат ова почеток на Трета светска војна“, вели Стефановски, додавајќи дека ваквите оценки се резултат на зголемената нестабилност и вклученоста на повеќе актери.

Сепак, според него, ниту една голема сила нема интерес конфликтите да ескалираат долгорочно, поради економските и политичките последици.

Стефановски предупредува дека, иако директна воена закана за регионот е мала, постои зголемен ризик од хибридни закани, како сајбер напади, дезинформации и економски притисоци, особено за помалите држави.