Стефановски: Конфликтот на Блискиот Исток е дел од поширока геополитичка игра

Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, аналитичарот Милан Стефановски истакна дека актуелните тензии на Блискиот Исток не можат да се разберат изолирано, туку како резултат на долгорочни и испреплетени интереси на глобалните и регионалните сили.

Според него, конфликтот произлегува од „помешани интереси“ на западните земји, земјите во развој и регионалните актери, при што регионот со години се смета за „темпирана бомба“. За да се направи суштинска анализа, Стефановски нагласи дека е неопходно да се разгледаат повеќе клучни параметри, особено улогата на Иран.

Тој посочи дека Иран долго време се подготвува за ваков тип на конфликт, не само преку сопственото вооружување, туку и преку мрежа на таканаречени прокси-актери. Меѓу нив ги издвои Хезболах во Либан, Хутите, како и милициите во Сирија и Ирак, кои, како што рече, функционираат како „држава во држава“ со значителни финансиски ресурси и влијание.

„Преку овие мрежи, Иран обезбедува силно регионално присуство, што значи дека Израел ќе биде постојано под притисок“, истакна Стефановски. Тој додаде дека идеолошките и верските фактори дополнително ја засилуваат тензијата, бидејќи дел од овие актери го сметаат Израел за непријател што треба да биде елиминиран.

Во однос на улогата на САД, аналитичарот оцени дека не треба да се очекуваат брзи и радикални одлуки, посочувајќи дека сегашниот конфликт има корени уште од времето на администрацијата на Доналд Трамп. Според него, дел од дипломатските процеси во минатото можеби биле користени за купување време, наместо за вистинско решавање на кризата.

Стефановски нагласи дека иако конфликтот е регионален по својата природа, неговите последици се глобални. Особено важен фактор се енергетските ресурси, како нафтата, гасот и електричната енергија, кои се од клучно значење за светската економија.

„Оној што ќе го контролира енергетскиот простор во наредните децении, ќе има доминантна улога на глобалната сцена“, рече тој, додавајќи дека зголемената побарувачка за енергија, вклучително и поради развојот на вештачката интелигенција, дополнително ја засилува важноста на регионот.

На крајот, Стефановски заклучи дека конфликтот треба да се гледа како дел од „поголема шаховска игра“, во која се судираат интересите на големите сили, регионалната безбедност и контролата врз стратешките ресурси.