Стинг ја одложи европската турнеја – еве за кога е презакажана

Поради ограничувања поради пандемијата, сите европски концерти на Стинг, најавени од 7 до 21 март, се одложени.

Така, концертот на Стинг во загрепската Арена, кој требаше да се одржи на 21 март, е одложен за есен, пренесе агенцијата ХИНА.

Новиот датум на концертот ќе биде објавен наскоро, а сите досега купени билети ќе важат за новиот концерт, соопштија загрепските организатори. Можно е и враќање на парите на сите кои нема да можат да дојдат на концертот наесен.

Стинг требаше да настапи во Загреб како дел од турнејата „Мои песни“, каде што ги изведува омилените песни од неговата долгогодишна кариера со 17 Греми награди – со групата The Police и како соло изведувач.

Одложениот концерт беше најавен како „мајсторска изведба од почеток до крај“, со најголемите хитови: „Fields of Gold“, „Shape of my Heart“, „Roxanne“ и „Demolition Man“. На програмата се и „Englishman In New York“, „Every Breath You Take“, „Message In A Bottle“ и други песни.

Стинг на турнејата го придружува електричен рок ансамбл, а специјален гостин и предгрупа на Стинг ќе биде неговиот син Џо Самнер.

Кон крајот на минатата година, Стинг го издаде албумот „The Bridge“ во кој се претставени фази и стилови од неговата кариера со инспирација од жанрови како рокенрол, џез, класична музика и фолк.