Во Австралија се води голема дебата за судбината на една страчка која стекна голема популарност на социјалната мрежа Инстаграм.
Дури и премиерот на Квинсленд, австралиска држава, се приклучи на дебатата, поддржувајќи ја кампањата за враќање на страчката на нејзините сопственици, откако беше запленета од претставници на дивиот свет.
Птицата по име Моли била спасена како бебе од брачен пар од Квинсленд, а таа создала неверојатна врска со нивното милениче куче Пеги.
Премиерот на Квинсленд, Стивен Мајлс, вели дека Моли треба да им биде вратена на сопствениците, со што не се согласуваат другите државни службеници.
„Мислам дека понекогаш треба да преовладува здравиот разум… и ако ја погледнете целата приказна, можен е подобар исход“, рече Мајлс во четвртокот, според Би-Би-Си.
Џулиет Велс и Рис Мортенсен објавија дека ја „предале“ Моли на Енвиронмент Квинсленд претходно оваа недела поради „мала група луѓе кои постојано се жалат“ на страчката.
„Прашуваме зошто страчката не може сама да одлучи каде сака да живее?“, рече парот во објавата на интернет.
Повеќе од два милиони луѓе го следат профилот „Пеги и Моли“ на Инстаграм.
Повеќе од 50.000 луѓе потпишаа петиција за повторно обединување на животните кои изградија силна врска. Сопствениците ги снимаа Пеги и Моли четири години и го објавија на Инстаграм.
Одделот за животна средина, наука и иновации на државата соопшти дека го препознава „интересот на заедницата за Моли“, но предупреди дека страчките не се домашни животни и треба да се сместат само привремено за цели на „рехабилитација“.
„Страчката моментално е под наша грижа. За жал, таа е многу навикната да контактира со луѓе и се уште не можеме да ја вратиме во природата“, изјави портпаролот.
Велс и Мортенсен рекоа дека ќе ја продолжат кампањата, тврдејќи дека Моли би се соочила со „сигурна смрт“ доколку не ја посвоеле.
Австралиските страчки, кои можат да живеат до 30 години, се заштитени автохтони видови и се сметаат за витални за националниот екосистем.
