Студенти од Универзитетот во Нови Сад најавија дека в среда тргнуваат на велосипедско патување до Стразбур, со цел да го привлечат вниманието на меѓународната јавност за недоволната реакција на српските институции на бројни немили настани што се случиле во земјата од 1 ноември минатата година до денес.
Како што јавува дописникот на МИА од Белград, студентите планираат патувањето да трае 12 дена, со рута која ги вклучува најголемите универзитетски градови. Иако маршрутата е дефинитивна, дневниот план може да се менува во зависност од логистичките услови на терен.
„Во постојан контакт сме со нашите колеги од универзитетите низ градовите низ кои ќе поминеме. Имаме и поддршка од членови на Европскиот парламент кои се подготвени да ни посакаат добредојде во Стразбур“, велат студентите.
Целта на оваа иницијатива е да се информираат европските и меѓународните институции за кршењето на човековите права и уставните права во Србија, поради, како што велат студентите, недоволната реакција на надлежните институции. Тие се надеваат дека на овој начин ќе создадат притисок врз српските власти да преземат соодветни мерки.
Студентите планираат да се обратат до Парламентарното собрание на Советот на Европа, Комесарот за човекови права, Директоратот за демократија и човеково достоинство, како и до Комитетот на министри на Советот на Европа. Исто така, тие ќе се обратат и до институциите на Европската Унија – Европскиот парламент, Европската комисија и Агенцијата за фундаментални права на ЕУ.
Бројот на учесници во ова велосипедско патување ќе биде меѓу 50 и 80 студенти, а нивната порака е јасна – сакаат реакција од институциите и заштита на основните права во нивната земја.