Судската постапка за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани продолжува со повикување и сослушување на преостанатите сведоци, откако одбраната на денешното рочиште во судницата во „Идризово“ не го прифати предлогот на Јавното обвинителство за намалување на листата на сведоци.
Судот констатираше дека е постигната согласност за повлекување на сослушување на ограничен број сведоци, додека за сите останати ќе се спроведе редовна постапка на испитување. Ова значи дека во наредниот период ќе бидат закажани повеќе рочишта со цел да се исцрпи доказната постапка.
Обвинителството претходно предложи дел од сведоците да бидат повлечени, со образложение дека нивните искази се веќе опфатени преку претходно сослушаните лица. Сепак, одбраната се спротивстави на ваквиот предлог, инсистирајќи на целосно сослушување на поголем дел од предложените сведоци.
Дел од обвинетите, меѓу кои и лица ангажирани како обезбедување во дискотеката, побараа одредени сведоци да останат во постапката, со цел да сведочат за нивната улога во спасувањето на посетителите за време на пожарот.
Вишиот јавен обвинител Дарко Јакимовски, сепак, нагласи дека ваквите околности не ја исклучуваат евентуалната одговорност.
„Не е спорно дека дел од обвинетите учествувале во спасување по настанот, но предмет на оваа постапка е нивната можна одговорност за настанувањето на трагедијата“, истакна Јакимовски.
Во текот на рочиштето сведочеше и градежниот инспектор Драги Илијевски, кој посочи дека објектот каде што се случи пожарот се наоѓал во индустриска зона наменета за лесна и незагадувачка индустрија, а не за угостителска дејност.
Според неговото сведочење, за објектот не била извршена соодветна пренамена во согласност со деталниот урбанистички план. Тој додаде дека уште во 2012 година биле преземени одредени чекори за да се спречи користењето на објектот како дискотека, вклучително и известување до надлежните институции.
Илијевски изјави дека до општината постоеле информации за можна пренамена на објектот, по што биле испратени барања до Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат, но одговори не биле добиени.
Судењето продолжува во насока на утврдување на одговорноста за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Пожарот во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година за време на концерт, однесе 63 животи, а над 200 лица беа повредени.
Предметот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од повеќе јавни обвинители.
