Судењето одложено: Одбраната на Васев бара Коцевски да ги преземе двата предмети за случајот „Онкологија“

Новиот адвокатски тим на ексдиректорот на Клиниката за онкологија, Нино Васев, побара од државниот обвинител Љубомир Коцевски да ги преземе двата предмети за случајот „Онкологија“ или да ги делегира на друго обвинителство.

Адвокатот Боби Спирковски оцени дека обвинителните акти се „нестручни и непрофесионални“ и дека доказите не ја докажуваат вината на обвинетите. Како сериозна забелешка ја посочи улогата на д-р Милан Ристевски, поранешен директор, кој бил ангажиран како технички советник и влијаел врз економското вештачење.

Поради ова, денешното рочиште беше одложено, а судењето продолжува на 8 октомври. Покрај Васев, обвинети се и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, додека докторката Мери Пешевска веќе ја признала вината и доби условна казна. Во вториот предмет за финансиски злоупотреби обвинет е и поранешниот организациски директор Нухи.