На самиот почеток од првото рочиште за трагедијата во кочанскиот клуб „Пулс“, главната судијка Дијана Груевска Илиевска им се обрати на присутните со остар и јасен тон, истакнувајќи дека судот ќе бара максимална дисциплина и почитување на процедурата.
„Името мое се врти веќе со месеци, но еве да ви се претставам. Јас сум Дијана Груевска Илиевска, а заменски судија ќе биде Ахмет Идирзи. Ќе имаме четири поротници – три редовни и еден заменски“, рече судијката, нагласувајќи дека судот е подготвен да обезбеди редовно и непречено судење.
Таа истакна дека не биле повикани полномошници, бидејќи не било јасно кои од нив ќе се појават како застапници на оштетените, а можеби и како сведоци. Според неа, тоа било направено за да се избегнат процесни пречки уште на стартот.
„Барам голема дисциплина. Секое одлагање и секое барање за одлагање ќе биде проверено од советот, и ако се покаже дека е непотребно – ќе следува санкција“, порача Груевска Илиевска.
Во своето воведно обраќање, судијката покажа разбирање за болката на семејствата на загинатите, но потенцираше дека судот мора да постапува професионално и непристрасно.
„Знам за болката, сите ние сме родители. Почит кон болката и тагата на родителите. Но ние сме професионалци и мора да ги испочитуваме правата на сите кои се тука“, рече таа.
Груевска Илиевска најави и дека сите предложени докази ќе бидат изведени, освен оние кои советот ќе ги оцени како ирелевантни за постапката.
Со ова, судијката постави јасен тон за процесот што се очекува да трае долго и да биде еден од најследените во поновата судска историја на земјата.