Судскиот совет денес ќе формира комисија која ќе ги разгледа сите документи од претходните судски случаи на Васил Јованов, обвинет за сообраќајната несреќа на „Партизанска“ во која загина 22-годишната Фросина Кулакова. Комисијата ќе утврди дали имало пропусти во постапките против него. Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, најави дека ќе се разгледаат сите јавни забелешки и ќе се излезе со официјален став.
Судиите на Основен кривичен суд Скопје изразија жалење за смртта на Фросина и воедно посочуваат дека поттикнати од бурните реакции во јавноста по повод донесената неправосилна пресуда за Васил за сосема друг случај, како судии ценат дека е потребно да се обратат до јавноста со цел заштита на угледот на судиската функција, но и демантирање на сите шпекулации и лажни вести. Тие ги повикаа надлежните институции да проверат дали постојат пропусти во судските постапки и дали судијата требало да се изземе поради можни поврзаности со обвинетиот.
Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, најави дека протестите продолжуваат и ќе бараат максимална казна за Јованов. Тој инсистира на доживотен затвор и експертизи за брзината со која Јованов возел. Според него, брзината била над 160 км/ч, а тој немал возачка дозвола.
Јавниот обвинител Гаврил Бубевски потврди дека Обвинителството постапува согласно сите процедури и дека процесот е проширен за да се испита улогата на родителите на Јованов во овозможувањето на неговото возење. Протестен марш „Стоп за сообраќајното насилство“ ќе се одржи во Неготино во сабота.
Јованов, кој е во притвор, ќе се соочи со тешки кривични обвиненија за убиство со умисла, со можни казни од четири до 20 години затвор.