Во Кривичниот суд со свое сведочење излезе и таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски.
Тој е обвинет дека му давал информации на првообвинетиот Љупчо Палевски за движењето на ќерка му.
Како што вели, не е сигурен колку психички е спремен за исказ, а почна и да плаче при сведочењето.
„Немам апсолутно никаква инволвираност со овие луѓе од чии искази забележав дека не чувствуваат ниту вина, ниту покајание“, вели Александар.
Како што додава, забележал само дека обвинетите демонстрираат гнев и разочарување од т.н. цар – првиобвинетиот Љупчо Палевски Палчо.
Тој вели дека на рочиштата мижи и е со главата надоле бидејќи не ги познава обвинетите, ниту на рочиштата може да ги гледа.
За Палчо вели дека не го знае како Палевски туку како Упа, односно како фирмата.
„Само сум слушнал за него, не го познавам. Дознав вечерта кога ме задржаа во полициска станица. За останатите имињата ми беа кажани во воведниот збор на обвинителката Жаклина и нив и ден денеска ги мешам”, одговори таткото.
Александар одговори потврдно на прашање за тоа дали бил нарко зависник, и кажа дека тоа било од 1993 до 1995 кога неговата генерација ја зафатило епидемија од наркозависности.
Тој во продолжение сведочеше и каде работел, односно дека не бил толку страден за пари па да учествува во грабнување на неговото дете, за потоа да се бараат пари.
Додаде и дека немал долгови, а отказ си дал на први март односно 9 месеци пред грабнувањето на неговата ќерка.