Сведок на судењето за „Пулс“ откри: Општината навремено реагирала и побарала да не се издаде лиценца за работа на објектот!

На денешното рочиште во Идризово, во рамки на судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сведокот Драги Илиевски истакна дека Општината навремено реагирала и побарала да не се издаде лиценца за работа на објектот, бидејќи се наоѓал во индустриска зона.

Илиевски појасни дека дискотеката се наоѓала во зона Г2, наменета за лесна и незагадувачка индустрија, каде угостителска дејност од ваков тип не е дозволена. Тој нагласи дека не била направена пренамена на зоната и дека тоа не е можно да се промени.

Сведокот рече дека Општината уште во 2012 година првично дала позитивно мислење за користење на паркинг-просторот, но откако дознала дека објектот ќе стане дискотека, го повлекла мислењето и известила дека локацијата не е наменета за ваква дејност. Дополнително, општинските власти се обраќале и до надлежните институции, вклучително до Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат, со цел да се спречи отворањето на клубот.

Илиевски истакна дека неговиот сектор нема надлежност за инспекциски надзор и не знае дали други институции презеле мерки по отворањето на објектот. На прашања од одбраната, тој потврди дека објектот бил изграден како индустриски и дека дозволите ги издава Министерството за внатрешни работи, додека мислењата за користење јавни паркиралишта ги дава Општината.

Судот претходно прифатил повлекување на дел од сведоците предложени од обвинителството, додека останатите ќе бидат повикани во наредниот период.

Пожарот во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК, претставува една од најтешките трагедии во земјата, со 63 загинати и над 200 повредени. Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска.