Со обезбедување од полицијата, денеска во Основниот суд во Струга беа сослушани сведоци, вработени во општината, во рамки на судскиот процес против градоначалникот Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил „Ауди А6“ вреден 66.000 евра, како и уште три други возила.
Меѓу сведоците беше претседателот на Комисијата за јавни набавки, но и внуката на Мерко, која исто така била член на Комисијата. Иако и двајцата тврдеа дека набавката е извршена согласно постапките и со одлука на Советот на Општина Струга, не понудија објаснување зошто се избра токму толку скап и луксузен модел на возило.
Сведочеше и поранешна вработена од Државниот завод за ревизија, која посочи дека во ноември 2017 година, со одлука на претседателот на Основниот суд Струга, е зголемен месечниот лимит за трошење на Општината на 50,4 милиони денари, што на годишно ниво го надминувало општинскиот буџет. Според извештајот, ваквото зголемување овозможило преземање нови обврски и придонело за зголемување на долгот, особено по основ на камати, што резултирало со финансиска нестабилност на Општината.
Судијата Јордан Јованов најави дека сите материјални и вербални докази се веќе изведени и следното рочиште ќе биде посветено на завршните зборови. Одбраната на обвинетиот Мерко е предвидена за јуни, по што ќе следува и донесување на одлуката.
„Во текот на месец јуни ќе имаме завршница. При донесување на одлуката ќе бидат земени предвид сите искази и сите материјални докази“, рече судијата Јованов.
Покрај овој случај, денеска во судот се одржа и рочиште за поставување на спомен-плоча на општинската зграда, испишана само на албански јазик, со која, според обвинението, се величи фашистичката окупација на Струга.