СВЕТИ ЈАКОВ НИСИБИСКИ: Отшелникот кој стана епископ и со комарци ја победи персиската војска

Православната црква го чествува споменот на Свети Јаков, епископот на Нисибија – голем подвижник, чудотворец и заштитник на верата кој покажа дека молитвата е посилно оружје од мечот.

Свети Јаков е запаметен како пример за вистински аскетизам. Својот живот го започнал како отшелник, живеејќи во целосна хармонија со природата, но и во сурови услови – лете на отворено поле, а зиме во пештера, посветен единствено на Бога.

Од пештера до Првиот вселенски собор

Неговиот живот се променил кога решил да слезе во градот Нисибија за да провери како живеат христијаните. Препознавајќи ја неговата светост, народот го избрал за епископ.

Како духовен водач, тој не само што го водел стадото, туку и ја бранел чистотата на верата. Учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја, каде што бил еден од големите заштитници на Православието, борејќи се против Ариевата ерес.

Чудото на бедемите: Муви наместо стрели

Најпознатото чудо поврзано со Свети Јаков се случило кога персиската војска го опколила градот Нисибија.

Кога непријателот нападнал, Свети Јаков организирал литија и се искачил на градските ѕидини. Шетајќи по бедемот, изложен на непријателските стрели кои не го допирале, тој упатил несекојдневна молитва кон Бога.

„Светителот не бараше смрт за непријателите, ниту нивна погибел. Тој Го замоли Бога само за ‘една малечка здодевност’ што ќе ги натера да си заминат“, се вели во житието.

Свети Јаков побарал Бог да испрати муви и комарци. Господ ја услишил молитвата на својот угодник – облаци од инсекти се спуштиле врз персиската војска, создавајќи неподнослива ситуација што ги принудила војниците да се повлечат и да го остават градот нечепнат.

Свети Јаков Нисибиски поживеал долг и чесен живот, а се упокоил мирно во длабока старост, во 350-тата година.