Светските цени на храната во јануари 2026 година бележат пад по петти месец по ред, додека глобалните резерви на житни култури се приближуваат до историски максимум, соопшти Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени на основните земјоделски производи на светскиот пазар, во јануари достигна 123,9 поени, што претставува намалување од 0,4% во однос на декември 2025 година и 0,6% во однос на истиот период лани.
Цените на житните култури забележаа благо зголемување од 0,2% во однос на претходниот месец, и покрај умереното намалување на цените на пченицата и пченката. Високите резерви на пченица ја ублажија загриженоста за влијанието на неповолните временски услови во Русија и САД, додека солидните резерви на пченка го неутрализираа ефектот од сушата во Аргентина и Бразил, како и од високата побарувачка за етанол во САД.
ФАО посочува дека стабилните глобални резерви обезбедуваат заштита од остри флуктуации на цените и гарантираат сигурност на снабдувањето, додека ценовните движења се под влијание на климатските услови, побарувачката и светските трговски текови.
