Илјадници граѓани денеска учествуваа на протест во Скопје за Фросина Кулакова и сите жртви на сообраќајни несреќи.
Тие побараа „правда за Фросина“, „оставка“ и „затвор за Васил“. Протестот започна на местото каде што Фросина беше прегазена, а учесниците оддадоа почит со триминутно молчење.
Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, истакна дека без притисокот на јавноста случајот веќе би бил затворен и во фиока.
„Затоа откако овој криминалец, нарко-гангот негов ја удира со 160 км на час ќерка ми, на пешачки семафор, татко му доаѓа, и веднаш веројатно почнува операција па три саати чекаме дежурен обвинител во строг центар знаејќи дека нема друг случај, знаејќи дека тој обвинител е платен за тоа. Зошто? Зошто и дали нешто се договарало? Да се прашаме зошто утредента во 22:30 часот вечерта сменет е предметниот судија на истражната постапка, зошто? Исто така горам од желба да го научам неговото име и презиме, да ми каже мене што направил тој ден, зошто го смениле?. Да се прашаме дали нешто е договорено за причината за неговата смена, затоа не е ни 2% поддршка на судството и затоа е оваа борба, за правда за Фросина“, порача таткото.