Трет последователен топлотен бран ги врати температурите во Грција над 40 Целзиусови степени, а низата шумски пожари беснеат со денови, принудувајќи ги жителите и туристите да се евакуираат.
Портпаролот на Противпожарната служба рече дека најголемите пожари се на југоисточната страна на островот Родос и северозападната страна на Крф, и двата популарни кај странските туристи.
„На другите фронтови, многу пожари повторно се разгоруваат“, рече Јоанис Артопиос.
Денеска е наредена евакуација за четири села на Родос, бидејќи пожарот што гори веќе осум дена продолжи да се движи кон внатрешноста на островот, зафаќајќи ги планинските шуми, вклучително и дел од природниот резерват.
Уште пет евакуации беа наредени синоќа на Крф, една на Евија.
Во Родос, очајни локални жители, многумина со влажни крпи околу вратот на големата топлина, се обидуваат да ги изгаснат пожарите кои се приближуваат до нивните домови со лопати, со противпожарни авиони и хеликоптери кои работат од утро до мрак.
„Дванаесетти ден под екстремни услови на топлина и силен ветер, без престан се борат десетици фронтови со шумски пожари… Грчката противпожарна служба гаси повеќе од 500 пожари, повеќе од 50 дневно“, изјави Василис Кикилијас, министер за климатски кризи и цивилна заштита.
Властите соопштија дека повеќе од 20.000 луѓе, главно туристи, беа последователно евакуирани на Родос во текот на викендот, бидејќи пожарите зафатија две крајбрежни области во југоисточниот дел на островот.
АП наведува дека меѓу нив бил и српската кошаркарска ѕвезда Филип Петрушев, играч на Филаделфија, а бил на одмор на Родос со својата партнерка Тијана Шумаковиќ.
Во серија објави на интернет, Шумаковиќ ги опиша хаотичните сцени додека таа и Петрушев бегаат од пожарот.
„Пожарот се приближи многу и моравме да побегнеме“, напиша Шумаковиќ, додавајќи видео од пожарот. „Се гушевме во чадот и трчавме колку што можевме… на крајот стигнавме на безбедно.
Европската унија испрати во Грција 500 пожарникари, 100 возила и седум авиони од 10 земји членки, а помош испратија и Турција, Израел, Египет и други земји.