Ниту на вториот јавен повик за финансиска помош за нискобуџетни летови Владата не го прифати „Визер“ како единствен конкурент да добие државни субвенции. Причина – авиокомпанијата не ги исполнила условите кои важат и за охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ каде од јануари Визер требало да лета кон четири дестинации. Па така граѓаните ако сакаат да летаат од Македонија, и натаму ќе плаќаат скапи авионски билети.
– Во повикот јасно стои дека авиокомпанијата има обврска до 10 јануари 2019 година да воведе две линии од аеродромот во Охрид и уште две во рок од една година од потпишувањето на договорот. Авиокомпанијата Визер понудила сите четири дестинации да ги воведе во август 2019 година. Поради ова, комисијата констатираше дека условите од јавниот повик не се исполнети и даде препорака овој јавен повик да се поништи. Оваа фактичка состојба не ми остава никаква друга можност освен доследно почитувајќи ја уредбата и јавниот повик повторно да ја поништам и оваа постапка, нагласи Сугарески.