Угледниот The Guardian, објави туристички водич за 10 најдобри дестинации за одмор на крајот од летото.
Како најпривлечни според историските убавини што ги нудат, достапноста со авион, угостителската понуда , забавата и пристојни цени, Охрид е рангиран на седмото место, а како илустрација е поместена оваа фотографија која го прикажува Канео, манастирот и ресторанот со исто име.
Прва на ранг листата е Катанија на Сицилија, во Италија, потоа следува Белград на високото второ место. По Белград следува Каунас во Литванија, па Кошице во Словачка, Бари во Италија, Подгорица-Црна Гора, Охрид во Македонија, Превеза во Грција, Гренобл-Франција и Пула во Хрватска.
Овде е линкот за целата репортажа на The Guardian.
Легенда за Охридското Езеро
Местото кај што е денеска Охрицкото Езеро во старо време било поле со најубави ливаѓе.
Близу до градот Орид имало едно изворче, многу длабоко и напраено како бунар со капак одозгора, да се заклопува како некоја кутија, што да нема влакно од кај да излези, нити да влезе внатре. Градо Орид бил како некое село и бидејќи немало во градот ни чешма, ни па бунар си лееле вода од изворчето, требало убао да го затвори капако. Не оти за да стои чис изворо, ами еден насиет, што му бил оставен на жените и на мажите од дедо – предедо, да го затворат изворот, оти , ако не го затворат, ќе избрзни водата и ќе му го удаи сето поле, можеби и селото. Знаејќи оричани тој стар насиет, со голем мукает го отворале и го затворале изворот, чунки сите верувале оти, ако го остаат отворен капако, ќе избрзни водата, и за вистина тоа и нашло. Од што се страшиш и се плашиш, тоа тоа ќе те најди – што рекле старите, да тоа и нашло и комшиите наши оричани. Се нашла една глупаа невеста што си залеала една вечер вода и од мрза, али од будалштина незина, не го затворила изворот со капакот. Штом се нашол изворот од устината надвор, та си текол , текол целата ноќ и се исполнило сето поле: станало цело блато. Кога се обзорило, отишле жени да си леат вода и што да видат – сето поле се удаило во водата од изворчето. И не могле веќе да се приберат да си залеат од изворчето вода, ами си залеале открај. Бараа, тражија која беше таа жена што го остаи изворчето отворено, и ја нашле која невеста била, ама што да напраат, олди битти, тоа веќе се стори и не можело да се отстори. Од ден на ден растела водата, растела, дури се сторило цело езеро, како што го гледаме и денеска што е најголемо – Охридско езеро.
Марко Цепенков
Легенда за Билјанините извори
За бистрата вода на Билјанините извори, народот пропеал многу песни, но само една легенда, прераскажувана до ден денешен која се поврзува и со настанувањето на охридскиот чун. Имено, некогаш во дворецот под езерото кај Студенчишта, живеела вилата Езерка, ќерка на дедо Караорман. Вилата Езерка царувала над езерото и постојано им пречела на рибарите, превртувајќи ги нивните чамци а уловената риба ја враќала во езерото. Таа била многу завидлива и еден ден ја грабнала убавата мома Билјана, внука на дедо Чун. Ја однела во својот дворец за да си поигрува со неа. Убавата Билјана цела ноќ плачела од тага и нејзините солзи се претвориле во извори, кои понатаму биле наречени Билјанини извори. Дедо Чун за да ја победи вилата Езерка направил голем чамец. Од една страна веслале 6-7 луѓе, а само еден крмел. Вилата Езерка не можела да го преврти овој голем чамец и со него дедо Чун ја спасил убавата Билјана. Така, по дедо Чун големиот чамец го нарекле чун кој по својата лика е единствен на светот.