По социјалните мрежи вчера се појави вознемирувачка фотографија од наводна СМС-порака што убиената Росица К. од Велес ја испратила до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како последен обид за помош пред трагичниот настан. Автентичноста на пораката засега не е официјално потврдена, но нејзината содржина предизвика остри реакции во јавноста.
Во пораката, за која се тврди дека е испратена на мобилниот број на министерот, Росица опишува дека со месеци била жртва на демнење, физичко и сексуално насилство, како и дека ѝ бил запален автомобилот.
„Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин“, стои во еден од најшокантните делови од пораката, каде се наведуваат и броеви на предмети во Обвинителството и Основниот суд Велес. Пораката завршува со зборовите: „Очајно ве молам за помош“.
Редакцијата на 4NEWS.MK го потврди телефонскиот број од фотографијата како личен мобилен број на министерот Тошковски. Сепак, од фотографијата што кружи на интернет не може да се утврди датумот на испраќање, ниту пак е прикажан целосниот телефонски број.
На прашање од дали комуницирал со Росица и дали пораката е автентична, Тошковски категорично ги демантирал наводите.
„Министерот Панче Тошковски категорично ги демантира наводите изнесени во јавноста поврзани со вашето прашање. Воедно тој упатува апел овој трагичен настан да не се злоупотребува за дневнополитички цели,“ одговорија од МВР за „Слободен печат“.
Инаку, на Инстаграм-профилот на Илија Стефановски – кој ја лиши од живот Росица и потоа изврши самоубиство – на 12 јануари е објавена фотографија од Берлин. Но, сепак не може да се потврди кога е направена снимката.
Објавата со наводната порака се појавува само една недела по велешката трагедија и дополнително ја отвора дилемата за пропустите на институциите, имајќи предвид дека жртвата повеќепати пријавувала насилство, а сторителот добил условна казна само пет дена пред злосторството.