Едно лице загина, а едно е тешко повредено во сообраќајна несреќа што вчера се случи на регионалниот пат Маврово – Дебар, во близина на селото Скудриње, информира СВР Тетово.
Несреќата се случила околу 18 часот, кога патничко возило „Ланд Ровер“ со тетовски регистарски таблици излетало од коловозот кај месноста Скудрински мост. На самото место починал возачот Ш.С. (49) од Тетово, додека неговата сопруга А.С. (47), која била сопатник во возилото, се здобила со тешки телесни повреди.
Портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, изјави дека повредената веднаш била пренесена и хоспитализирана во Клиничката болница во Тетово, каде ѝ била укажана лекарска помош.
Увид на местото на трагедијата извршиле полициски службеници од ОВР Гостивар во координација со јавен обвинител, кој ја води понатамошната истрага за утврдување на причините за несреќата.