Најмалку осум лица го загубија животот, а седум се повредени во пожар што избувнал утрово во 3:30 часот во старечки дом во општина Бараево, Србија, јавуваат локалните медиуми.
Екипи на Брзата помош од Белград, Бараево и Лазаревац веднаш пристигнале на местото на настанот, а повредените биле пренесени во Ургентен центар.
Според изјавата на Лука Чаушиќ, вршител на должноста помошник-министер и раководител на Секторот за вонредни состојби, пожарот е изгаснат, но увидот во објектот сè уште трае. Првичните индикации покажуваат дека пожарот најверојатно бил предизвикан од лице со психички проблеми кое запалило душек во една од собите во домот.
„Постојат сериозни индиции дека оваа трагедија е резултат на криминални активности на поединец,“ изјави министерот за труд и социјална политика, Немања Старовиќ.
Според РТС, старечкиот дом имал соодветна лиценца и сите потребни дозволи за работа.
Општина Бараево се наоѓа на околу 40 километри јужно од Белград. Трагедијата остави трага во целата заедница, а надлежните органи продолжуваат со истрагата за целосно расветлување на настанот.