Во денешното сведочење во Кривичен суд, Гоце Трајковски раскажа за своето искуство со грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска. Трајковски детално објасни како на камерите го забележал сомнителниот Цитроен, за кој веднаш помислил дека е поврзан со настанот, иако таткото на Вања, Александар, негирал дека неговата ќерка би се качила во таков автомобил.
„Од 7:15 до 7:30 на камерите од фризерницата се гледаше дека поминаа 15-тина коли, ние направивме скриншот од сите нив. Но, кога помина Цитроенот, тој многу димеше и возеше многу споро, само 10 на час. Одма му кажав на Саша дека таа кола ми е сомнителна, и дека изгледа како да работи под ‘саух’, и дека колата е ново запалена“, рече Трајковски.
Обвинителката го праша како го заклучил дека тоа е токму возилото Цитроен. Трајковски објасни дека, иако не бил сигурен, го споредил со возилото што имало сличност со автомобилот што го користел во неговото соседство, кое го нарекувал „ајкула“. Тој напомена дека, иако не бил сигурен дека тоа е истиот автомобил, ги споделил снимките со другарите, и по неколку часа добил повик од еден од нив кој му кажал дека барале исчезнат велешанец, што го наведува да помисли дека може да биде поврзано со случајот.
„Не можев да ги видам лицата во автомобилот, но во задниот дел се гледаше нешто што личеше на лице“, додаде Трајковски.
Обвинителката го праша дали забележал табличка на автомобилот. „Не. На ниту еден од автомобилите што ги снимавме со камерите од фризерницата не се гледаа регистарските таблички“, одговори Трајковски.
Тој потоа објасни дека, откако не успеале да ги добијат снимките од менувачницата, отишле во „Сејф сити“, каде што со помош на системот за пребарување снимки според регистарска табличка, би можеле да ги пронајдат сите снимки на кои се појавува истиот автомобил.