Трамп: Иран ни даде „огромен подарок“, преговорите за крај на војната се во тек

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран му дал „подарок“ вреден „огромна сума пари“, поврзан со нафтата, гасот и Ормуската Теснина.

Говорејќи пред новинарите во Овалната соба, Трамп рече дека не им верува на никого, но посочи дека потегот на Иран е знак дека САД „работат со вистинските луѓе“. Тој не откри детали за природата на „подарокот“, нагласувајќи дека не е поврзан со нуклеарната програма, туку со енергетски прашања.

На прашање дали САД би имале контрола врз Ормуз по евентуален крај на конфликтот, Трамп одговори дека „ќе имаат контрола врз сè што сакаат“, додавајќи дека очекува војната да заврши.

Тој потврди дека се водат преговори за завршување на конфликтот и тврдеше дека Иран е подготвен да се откаже од својата нуклеарна програма, иако од Техеран засега нема официјална потврда.

Според Трамп, во разговорите се вклучени и потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио. Тој додаде дека САД „разговараат со вистинските луѓе“ во Иран, кои, како што рече, „очајно сакаат договор“.

Американскиот претседател ја оцени воената операција како „огромен успех“, тврдејќи дека иранската воена инфраструктура е сериозно ослабена и дека нападите довеле до „промена на режимот“. Во контроверзна изјава, тој посочи дека по елиминацијата на дел од раководството, се појавила нова структура со која сега се водат разговори.

Трамп истакна дека Иран се согласил никогаш да не развива нуклеарно оружје и оцени дека „оваа војна е добиена“, иако ситуацијата на теренот останува неизвесна.

Во однос на регионалните партнери, тој ги пофали Обединетите Арапски Емирати и Катар, оценувајќи ги како „одлични“ сојузници за време на кризата.