Трендафилов за 4TV: Политичари, засрамете се! Во првата недела од март генерален штрајк ако минималната плата не биде 600 евра

Македонските работници се подготвуваат за голем сенароден протест и генерален штрајк во првата половина на март, најави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој во гостувањето во Ноќно студио на 4TV.mk истакна дека дефинитивната одлука за точниот термин – меѓу 13-ти и 15-ти март – ќе биде донесена во наредните неколку денови, по завршувањето на рокот што му беше оставен на социјалниот партнер.

Трендафилов предупреди дека секое усогласување на минималната плата за „срамни“ 1.666 денари, што наводно се планира на Економскиот-социјален совет, ќе биде директен тригер за радикализација на синдикалната борба. ССМ останува на барањето за зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари, со цел минималецот конечно да достигне достоинствени 600 евра.

„Треба да се засрамат политичарите. Додека тие уживаат во своите за 79 отсто повисоки плати, работниците одат од маркет во маркет барајќи најевтини производи за да преживеат. Да им зборувате на луѓето дека се грижите за нивниот стандард со фамозни податоци, додека вредноста на потрошувачката кошница вртоглаво расте, е крајно потценувачки,“ дециден е Трендафилов.

Тој направи споредба и со регионот, посочувајќи дека македонската минимална плата од 397 евра е убедливо најниска. Според него, дури и во Косово од јуни минималецот ќе изнесува околу 480 евра нето, што дополнително ја нагласува мизерната состојба во која се наоѓа македонскиот работник.

„Март е месецот во кој власта мора да покаже дали навистина се грижи за граѓаните или само за сопствените привилегии. Работниците веќе ги препознаваат нивните манипулации и нема да дозволат повеќе да бидат на дното на Балканот,“ заклучи првиот човек на ССМ.