Тројца рудари се спасени откако биле затрупани под урнатините од лизгање на земјиштето во ископ на злато во североисточната авганистанска провинција Бадакшан, јави ДПА.
Мажите поминаа повеќе од 60 часа без храна и вода под урнатините во областа Јаван додека конечно не беа спасени доцна вчера од властите со помош на локалните жители. Спасените рудари денеска со воен хеликоптер се пренесени во болница во градот Фајзабад – главниот град на покраината.
Во четвртокот ископаа тунел за да извлечат злато, но тој се урнал неколку часа пред силен земјотрес да го потресе регионот.
Локалните власти соопштија дека спасувачката мисија во планинскиот регион била тешка поради недостигот на опрема и тешкиот пат.
Во провинцијата Бадакшан има рудници за злато и лапис лазули, кои со години се незаконски и непрофесионално експлоатирани од локалното население, кое овие активности ги извршува за покривање на нивните секојдневни потреби.
И покрај тоа што има изобилни неискористени природни ресурси, економијата на Авганистан е уништена од повеќе од четири децении војна. Со враќањето на талибанците на власт во услови на хаотично повлекување на меѓународните сили во август 2021 година, земјата дополнително потона во сиромаштија и невработеност, што доведе до масовна миграција.