Цените на становите во Охрид достигнаа рекордни 4.000 евра за квадратен метар во најатрактивните локации, како крајбрежјето и центарот на градот. Во другите делови, како Охридати, Билјанини Извори и Воска, тие се движат од 1.200 до 1.500 евра. Постарите станови, во зависност од состојбата и локацијата, се продаваат од 1.000 евра по квадратен метар.
Побарувачката значително ја надминува понудата, што доведе до двојно зголемување на цените од 2020 година. Влијание имаат и растот на цените на градежните материјали, инфлацијата и ограничената понуда.
Најбарани се становите од 30 до 50 м², кои освен за живеење, често се користат како викенд станови или за туристички престој. Тие најбрзо се продаваат, особено ако се лоцирани во близина на езерото и во туристичките зони како Свети Стефан и Пештани.
Купувачи најчесто се жители од Скопје, иселеници и странски државјани, меѓу кои најмногу има Холанѓани, Германци и Скандинавци. Интересот е голем и за куќи во стариот дел на Охрид, каде цените достигнуваат до 3.000 евра за квадратен метар, зависно од локацијата и погледот.
Покрај стандардните станови, во Охрид се градат и луксузни комплекси на премиум локации, што дополнително ја зголемува побарувачката и ги зголемува цените на недвижностите.