35-годишниот Хабиб Буњаку, вработен во државната енергетска компанија МЕПСО, почина од повредите што ги задобил во престрелката на паркинг во скопски Чаир.
Тој беше донесен во хируршката болница во центарот на Скопје, но, поради сериозноста на раните, лекарите не успеаја да го спасат. Според информациите од полицијата, престрелката се случила по расправија меѓу две групи, која наводно започнала заради недоразбирање во сообраќајот.
„На паркинг-простор во Чаир, по претходно несогласување во сообраќајот, настанала расправија меѓу две групи, при што било употребено огнено оружје“, информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во инцидентот беа повредени уште две лица, а полицијата привела четворица осомничени. Во рамки на истрагата, од местото на настанот се подигнати траги и чаури, кои ќе бидат подложени на вештачење. Истражителите од обвинителството ги прегледуваат и снимките од безбедносни камери за да се разјаснат сите детали.
Хабиб Буњаку е син на поранешен функционер на ДУИ, Екрем Буњаку, кој до 2017 година беше директор на Техничкиот инспекторат и ја извршувал таа функција осум години. Истрагата, покрај првичните наводи за сообраќајна расправија како причина за инцидентот, проверува и други можни мотиви.