На 10 февруари, околу 23:50 часот, во СВР Скопје била пријавена расправија помеѓу две групи на паркинг простор во Чаир, која ескалирала со употреба на огнено оружје. Во инцидентот, еден човек бил убиен, а двајца други биле ранети. Убиениот е 35-годишниот Хабиб Буњаку, син на поранешниот директор на Техничката инспекција и член на ДУИ.
Според МВР, шест минути по полноќ, во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, било пријавено дека двајца повредени, Х.Б. и А.Д., биле донесени со повреди од огнено оружје. Х.Б. починал, а А.Д. бил задржан на лекување. Исто така, друг ранет, Н.Д., бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
По наводи од полицијата, биле приведени четири лица во врска со инцидентот, меѓу кои и 39-годишниот Б.Б. и 22-годишниот Н.Д. Од местото на настанот биле пронајдени два пиштоли, неколку возила и други предмети.
Извршен е увид и обезбедени се видео снимки за понатамошна истрага. Јавен обвинител издал наредба за обдукција на телото на починатиот.
Колегите и пријателите на Хабиб Буњаку, кој работел во МЕПСО, се простуваат со него преку социјалните мрежи.
„АД МЕПСО за последен пат се поздравува со нашиот почитуван колега и пријател, Хебиб Буњаку, кој вчера прерано го загуби својот живот. Препознатлив по својата професионалност и трудољубивост, Хебиб ќе остане запаметен и како исклучително колегијален и пред се, добар човек. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со неговото семејство, со пријателите и сите кои го познаваа Хебиб. Почивај во мир, драг наш колега!“, напишаа од АД МЕПСО.
Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири, се огласи на Фејсбук, истакнувајќи ја големата загуба за неговото семејство и пријателите.
„На Аллах му припаѓаме и на Него ќе се вратиме (На Аллах му припаѓаме и Нему ќе се вратиме). Го загубивме нашиот пријател, брат и најдобриот, дарежлив и мудар син, нашиот Хебиб. Аллах да те награди со рај брат!!! Аллах да го зголеми трпението на семејството Буњаку“, напиша Зекири на социјалните мрежи.
Истражните органи продолжуваат со испитување на причините за трагедијата.