Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) издаде жолто ниво на предупредување од поплави за утрешниот ден. Според проценките, постои потенцијален ризик од локално излевање на реките и суводолиците во крајните јужни и југоисточни региони на државата.
Од УХМР информираат дека обилните врнежи, засилениот ветер и заситеноста на почвата може да предизвикаат краткотрајни појави на надојдување на водотеците, особено на подрачјата каде што се очекуваат поинтензивни локални порои.
Граѓаните се повикуваат на внимателност, особено оние кои живеат во близина на речни корита или суводолници, како и учесниците во сообраќајот на регионалните патишта во овој дел од земјата.
Надлежните служби остануваат во состојба на зголемена подготвеност, а од Управата најавуваат дека по потреба ќе бидат издадени и дополнителни информации или ажурирани предупредувања.