Над 4.000 македонски граѓани, кои во 2020 година работеле на мисии во Ирак и Авганистан, се соочуваат со вистинска административна голгота. Додека Управата за јавни приходи (УЈП) ги притиска да платат данок за период кога не биле во земјата, Министерството за внатрешни работи (МВР) тврди дека нема податоци за нивните влезови и излези за таа година. Граѓаните се заглавени во институционален лавиринт, а сметките им се блокираат.
Во редакцијата на 4news.mk пристигна писмо од група засегнати граѓани кои тврдат дека се жртви на системска неажурност и ретроактивен прогон.
Клучниот проблем лежи во докажувањето на „резидентен статус“. Според Законот за персонален данок на доход, лицата кои престојуваат надвор од Македонија повеќе од 183 дена во една календарска година, се сметаат за даночни нерезиденти за тие приходи.
„УЈП од нас бара официјална потврда од МВР за влез и излез од државата за да докажеме дека сме биле отсутни. Но, кога одиме во МВР, добиваме официјален одговор дека не можат да издадат таква потврда за 2020 година бидејќи податоците не се достапни. Ова е лудило – една институција бара документ што другата признава дека го нема“, сведочат револтираните граѓани.
Пасошите не се доказ за УЈП?
Уште поскандалозен е фактот што, според наводите, даночните инспектори одбиваат да ги прифатат пасошите со уредни гранични печати како релевантен доказ. Наместо тоа, се повикуваат на „центарот на витални интереси“ – односно, фактот што лицата имаат адреса и семејство во Македонија, го користат како основ за оданочување, игнорирајќи го фактот дека тие физички работеле и живееле во воени зони 10 месеци во годината.
Се работи за постапки започнати со задоцнување од речиси 5 години.
„Товарот на институционалната неажурност се префрла врз нас. Ова е селективна правда и финансиски притисок врз илјадници семејства“, стои во реакцијата.
Дали државата се обидува да ги пополни буџетските дупки преку грбот на работниците кои носат девизен прилив, користејќи бирократски замки?
