УЈП со предупредување – уште 5 дена до крајот за регистрација на е-персонален данок

На граѓаните им остануваат уште 5 дена да се регистрираат во системот на е-Персонален данок и да ја однесат пријавата во некоја од единиците на Управата за јавни приходи. Сепак, според последните информации од УЈП, околу една третина од граѓаните, се уште не ја завршиле својата законска обврска. Како и секоја година, се чека на последните неколку дена.

Дел од граѓаните кои ги затекнавме денеска пред Управата, велат дека процесот за електронско пријавување бил едноставен, но поради обврски немале време да дојдат и лично да ја донесат пријавата.

Се вчитува...

Анкетираните граѓани велат:

-Без проблем. Нема гужва. Убаво. Чисто.

– Зошто чекавте последните денови да го сторите тоа?

– Не се баш последни денови. Еве има уште шест дена. Не сум чекал. Трчаш, работиш. Едноставно беше да ја поднесеме бидејќи се разбираме од компјутери. Помош дававме на постарите.

-Имав друга работа и затоа чекав. Ама отиде брзо за две минути.

-Брзо оди нема многу гужва.

-Дали има долга редица внатре?

-Не, 5 секунди работа. Пред две три недели се регистрирав електронски на интернет преку телефон.

Од УЈП информираат дека нема да има казни за тие што ќе го пропуштат рокот за поднесување електронска пријава.

„Законот не предвидува казна за нерегистрирање во системот е-Персонален данок, но предвидува казна за даночно затајување.  Потенцираме дека системот е -Персонален данок чијашто цел е поедноставување на пријавувањето на личниот доход,  како и изготвувањето на Годишна даночна пријава од страна на УЈП, е начин физичко лице да пријави данок“, велат од УЈП.

Оваа обврска нема да важи за пензионерите во наредните седум години.

Инаку, новиот систем предвидува Управата да ги изготвува годишните даночни пријави и електронски да ги доставува до секој корисник, кој пак треба да потврди дали пресметката е точна. Но, за тоа да функционира неопходно е секој граѓанин да има електронска пошта пријавена во УЈП.

РЕПОРТЕР: ДАНЧЕ АЗМАНОВА

Извор: ТВ21