Унгарија, Австрија и Србија се договорија да ја прошират соработката во борбата против „илегалната миграција“, објавија српските медиуми.
Овој потег е постигнат по средбата на лидерите на земјите во главниот град на Унгарија, Будимпешта.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на прес-конференција рече дека неговата земја, заедно со Србија и Австрија, се жртви на „илегална миграција“.
„Светот има поважни проблеми и вниманието обично се фокусира на нив“, рече тој.
„На пример, руско-украинската војна, високите цени на енергијата и политиката на санкции влијаат на сите нас. Затоа, на имиграцијата не и се дава потребното значење. Всушност, таа е барем еднакво важна како и другите“, смета Орбан.
Околу 1 милион луѓе пристигнаа во Унгарија од Украина како резултат на тековната војна меѓу Москва и Киев, а илегалните мигранти се обидуваат да влезат во Унгарија од јужната граница, додаде тој.
„Унгарија, Србија и Австрија не се бранат само себеси туку и Европа. Орбан истакна дека сегашната одбранбена граница на Европа е српско-унгарската граница и во интерес на сите е да ја туркаме на југ“.
Австрискиот канцелар Карл Нојхамер изјави дека е зголемена „илегалната миграција“ во неговата земја преку Србија и Унгарија.
Според него, системот за азил на ЕУ треба итно да се промени.
Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека зголемувањето на бројот на „илегални мигранти“ создава уште поголем проблем во неговата земја, додавајќи дека Србија не сака да биде миграциски центар.
Зборувајќи за неодамнешните економски предизвици, Вучиќ рече дека Европската централна банка и земјите-членки на ЕУ мора да ги преземат неопходните мерки за заштита на вредноста на еврото.
„Цените на нафтата пораснаа со апрецијацијата на доларот, додека девалвацијата на еврото имаше сериозно влијание врз земјите од ЕУ“, додаде Вучиќ.
По ова прашање, Орбан изјави дека Унгарија има доволно резерви на гас за да ги задоволи потребите за потрошувачка во следните пет до шест месеци.
Тој, исто така, истакна дека, доколку е потребно, Унгарија ќе му помогне на јужниот сосед Србија со залихи.
Србија во јули купила уште 500 милиони кубни метри гас од две унгарски компании за 250 милиони евра.
Гасот ќе се складира во два капацитети во Унгарија до 1 октомври, по што до февруари ќе бидат достапни 3 милиони кубни метри дневно од овој гас.
Кон крајот на мај, Унгарија објави дека ќе и дозволи на Србија да складира природен гас во своите складишта во текот на зимата.