Утре, на 16.02.2025 во 16:30 часот, со почетна локација пред Универзална сала, повторно излегуваме на ПРОТЕСТЕН МАРШ! Не само како поединци, туку како заедница, велат од од граѓанската иницијатива „Кој е следен?“
„Потребни сме му на нашиот град и на нашето општество заедно, како колектив што бара одговорност, неселективна правда и безбедност за секој граѓанин!
Системот што треба да нè заштити потфрла, затајува и секојдневно ни ја докажува својата нефункционалност – онаа што ни ги крати животите. Премногу долго чекавме некој друг да ги подобри работите, да направи вистински промени, да ни обезбеди квалитет на живот каков што заслужуваме. Време е сами да ги побараме! Време е да ги потсетиме надлежните кому служат и зошто се на своите функции!
Овој протест е политички чин, но не смее да биде партиска алатка. Токму тоа е она против што се бориме!
Истакнувањето на барања е политички акт, но тоа не значи дека некоја партија треба да го преземе и да манипулира со граѓанската борба! Секој оној што се обидува да го поткопа протестот со теории на заговор дека е платен од некого, нека знае: за протест пари не се потребни. За хамер и фломастери за плакатите – имаме.
Оние што ги шират ваквите приказни работат во корист на одржување на народот во партиско ропство – состојба во која партиите, наместо да им служат на граѓаните, стануваат центри на моќ што контролираат сè: животот, егзистенцијата, иднината. Нивниот мотив не е подобар живот, туку да бидат власт по секоја цена. Тие самите не можат да поимаат дека некој може да има чесни намери за општо добро, бидејќи самите никогаш не би направиле нешто самоиницијативно за подобрување на условите во оваа држава без личен бенефит. Но ние можеме. И затоа излегуваме!
Секој изгубен живот е нов потсетник дека не смееме да молчиме! Не смееме да тонеме во апатија, чувствувајќи се немоќни да направиме промена. Заедно можеме да смениме сè! Дојди и приклучи се!
Да ставиме крај на неказнивоста!
Да ставиме крај на небезбедноста!
Да ставиме крај на ниските стандарди со кои веќе нема да се помириме!
По одржаните јавни форуми, со вашата поддршка и стручната јавност, подготвивме конкретни мерки и барања до институциите, кои ќе овозможат поправеден, пофункционален и побезбеден систем за сите нас. Заслужуваме подобро!
Овој протест е нашата шанса да ги наметнеме овие барања како приоритети за унапредување на системот што зависи од нас самите:
• Безбедни улици и градови;
• Неселективен и правичен систем;
• Едуцирана младина со морален компас во вистинската насока.
Гневот е природен, бидејќи системот е деструктивен кон нас. Но сега сакаме да бидеме конструктивни – нудиме решенија и бараме тие веднаш да бидат спроведени!
Време е заедно да го побараме она што ни следува како граѓани на оваа држава – за Фросина, за оние што ги загубивме, за нас, за сите што доаѓаат по нас!“ – се вели во соопштението на граѓанската иницијатива „Кој е следен?“.