Случајот „Маѓар Телеком“ кој во 2009. година го отвори Основното Јавно Обвинителство по седум години утре продолжува, но сега во надлежност на Специјалното Јавно Обвинителство и обвинителката Лиле Стефанова.
Овој судски предмет беше седум години заглавен во судските лавиринти, а СЈО во неколку наврати бараше и преземање на предметот во нивни раце, но од ОЈО не дозволуваа бидејќи како што велеа од таму тој не произлегувал од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Предметот “Маѓар Телеком” е се уште во фаза на доказна постапка, а последното рочиште беше одложено поради отсуство на надлежниот обвинител oд скопското Јавно обвинителство, Ермон Незири.
Во предметот обвинети се тројца ексдиректори на „Телеком“: Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, за злоупотреба на службената положба, кои повеќе од седум години се недостапни за органите на прогонот.
По поднесените кривични пријави против поранешни странски директори во „Македонски телеком“, истрагата никогаш не беше проширена во Македонија. Ист ваков случај се води и во САД и веќе е во завршна фаза.
Како што велат од СЈО, рочиштето е закажано за утре во 9 часот и 30 минути, а неофицијално дознаваме дека истрагата утре ќе биде проширена и на домашни функционери кои примале мито, а кои досега не беа вклучени во истрагата која ја водеше ОЈО.